Македонија Антидискриминаторската комисија може да го тужи МОН поради недостигот на учебници

Антидискриминаторската комисија може да го тужи МОН поради недостигот на учебници

Од Антидискриминаторската комисија велат дека тие имаат право да го тужат МОН, но такво право имаат и родителите на учениците

Фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација може да го тужи Министерството за образование и наука (МОН), затоа што од ова министерство не ги обезбедиле сите неопходни учебници пред стартот на новата учебна година. Мета.мк веќе пишуваше дека недостигаат учебници од трето и шесто одделение, при што од МОН на стартот на учебната година рекоа дека прават напори да бидат дистрибуирани навреме учебниците кои недостигаат.

Од Антидискриминаторската комисија велат дека тие имаат право да го тужат МОН, но такво право имаат и родителите на учениците.

„Секој има право да побара заштита доколку се чуствува повреден во неговото уставно згарантирано право на еднаквост. Таква претставка може да поднесат до нашата Комисија и до Народниот правобранител и се разбира на највисоката судска инстанца“, изјави денеска Весна Бендевска, претседателка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Додека не пристигнат новите учебници, учениците ќе следат настава од помошни материјали кои се изработени од Бирото за развој на образованието. Инаку, учениците пак од прво, второ, трето, четврто и петто одделение на стартот на новата учебна година добија нови учебници по сите предмети.