Свет Балкан Грчки анкети: СИРИЗА води пред Нова демократија

Грчки анкети: СИРИЗА води пред Нова демократија

Опозициската СИРИЗА води пред Нова демократија во сите нови анкети во грчките медиуми. Како што се заострува трката меѓу владата и опозицијата во пресрет на 17 декември и на првото гласање за претседател во парламентот, грчките медиуми сè повеќе се преплавуваат со нови анкети за рејтинзите на партиите во случај претседателските избори да пропаднат и да бидат распишани предвремени парламентарни избори.

Според четири нови анкети, викендов СИРИЗА убедливо би била прва ако сега се распишат избори, но мнозинството граѓани и натаму сметаат дека Андонис Самарас би бил посоодветен премиер од Алексис Ципрас.

Рејтинзите на двете партии според четирите анкети се следниве:

„То вима“: СИРИЗА 25,5 отсто, Нова демократија 22,7 отсто

„Прото тема“: СИРИЗА 27,6 отсто, Нова демократија 24 отсто

„Параполитика“: СИРИЗА 24,2 отсто, Нова демократија 21,1 отсто

„Парон“: СИРИЗА 28,8 отсто, Нова демократија 21,5 отсто

Во три од четирите анкети, Самарас е поомилен премиер од Ципрас со предност од 4 до цели 12 отсто.

Граѓаните се поделени во поглед на ставовите дали сакаат претседател или предвремени избори. Дури 54 отсто од испитаниците за „Прото тема“ и „Параполитика“ изјавиле дека претпочитаат сега да се избере претседател, а 37 – 40 отсто од нив би сакале да видат предвремени избори.

Доколку утре се распишат избори, се очекува во парламентот да влезат и новата партија Потами, чиј рејтинг варира од 4,1 до 6,8 отсто, ПАСОК со 4,3 до 6,7 отсто, неонацистичката Златна зора со поддршка од 4,1. до 5,9 отсто и Комунистичката партија со 4,1 – 5,8 отсто од гласовите.