Македонија Анкета: Заев со највисок рејтинг, СДСМ има најмногу доверба кај Албанците

Анкета: Заев со највисок рејтинг, СДСМ има најмногу доверба кај Албанците

Мнозинство од граѓаните, односно 66,9 отсто се против амнестија, а 58,9 отсто се против предвремени избори покажува најновата анкета на телевизија „Телма“ и невладината МЦМС.

Што се однесува до амнестија за обвинетите и учесниците во настаните од 27 Април во Собранието, 57,8 отсто не се согласуваат со амнестија, 37 проценти се согласуваат.

Анкетата покажува дека премиерот Зоран Заев е во убедливо водство со 21,4 отсто рејтинг. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски е зад него со 14 процентни поени, со раст во личниот рејтинг и прв пат над претседателот Ѓорге Иванов чиј рејтинг е во пад и застанува на само 6 отсто. Следува Ахмети со 5,7, Села 3,8 отсто, и избеганиот Никола Груевски кој е во слободен пад со 2,7 отсто, рејтинг во рамките на статистичките грешки.

Големата поддршка на Заев доаѓа и од популарноста кај Албанците – со 17,6 отсто поддршка тој е втор лидер по популарност кај етничките Албанци. Прв е лидерот на ДУИ, Али Ахмети со 23 отсто , а трет Зијадин Села со 16 проценти. Највисока е бројката кај оние кои немаат доверба во ниту еден политичар – 39,9 проценти.

Според истражувањето, рејтингот на СДСМ расте, додека на опозициската ВМРО-ДПМНЕ паѓа. Владејачката партија има 26,8 отсто, 21,5 проценти се изјасниле за ВМРО-ДПМНЕ, за ДУИ 6,7 отсто, потоа е Алијансата со 3 проценти, БЕСА со 2,4 додека нема да гласаат 21,3 отсто.

Според етничка припадност. ВМРО-ДПМНЕ има водечки рејтинг кај Македонците – 30,4 отсто со пет процентни поени пред СДСМ која 25,5 проценти. СДСМ е прва партија кај Албанците со 27,5 отсто, додека ДУИ е втора со половина процент помалку.