Ctrl - Z Анкета: Половина од вработените од Генерацијата Зед се чувствуваат исцрпено барем еднаш...

Анкета: Половина од вработените од Генерацијата Зед се чувствуваат исцрпено барем еднаш неделно

Photo by Christian Erfurt on Unsplash

Загрижувачки ментални и физички потешкотии чувствуваат редовно младите работници од Генерацијата Зед. Анкетно истражување за менталното и емоционалното здравје што вклучило над 1.000 млади професионалци покажува дека околу 53 отсто од нив рекле дека се чувствуваат исцрпено на работа барем еднаш неделно, пишува The Hill.

И додека половина од младите испитаници пријавуваат ментални и емоционални тешкотии на работното место, повеќето исто така велат дека се чувствуваат оптимисти за нивната иднина.

Ова е наведено во истражувањето објавено од Институтот Мери Кристи кое било спроведено на примерок од 1.000 неодамна дипломирани студенти, на возраст меѓу 22 и 28 години, кои биле прашани за нивното ментално здравје и работниот живот.

Околу половина од анкетираните млади од Генерацијата Зед рекле дека лани имале ментални и емоционални проблеми. Околу 43 отсто рекле дека имаат анксиозност, а 31 отсто рекле дека имаат депресија.

Од мнозинството млади испитаници кои рекле дека доживеале исцрпеност на нивните работни места најмалку еднаш неделно, истражувачите утврдиле дека токму кај овие млади била поголема веројатноста да одговорат дека сакаат да ја напуштат својата работа во текот на следната година, споредено со вкупниот број испитаници, и тоа со 42 отсто наспроти 32 отсто.

Истражувањето покажа дека ваквите предизвици за менталното здравје делумно можат да бидат поврзани со финансиски стрес. Речиси половина од анкетираните работници од оваа генерација рекле дека нивната финансиска состојба е „секогаш или често“ стресна, додека испитаниците кои доживеале финансиски стрес во изминатата година, имало поголема веројатност да им биде потребна помош поради ментални или емоционални здравствени проблеми.

Резултатите од истражувањето говорат дека младите работници кои учествуваа во анкетата, исто така, би можело да имаат пречки во пристап или потешкотии во плаќањето за услуги за ментално здравје.

„Ова е уште еден доказ дека проблемите со менталното здравје, особено стресот и анксиозноста, се прошируваат надвор од факултетот и на работното место“, вели Сара Кечен Липсон од Школата за јавно здравје при Универзитетот во Бостон и мрежата Healthy Minds, која беше советник во истражувањето.

Анкетата дополнително праша за високото образование и дали испитаниците сметаат дека тоа ги подготвува за работното место. 39 отсто рекле дека чувствуваат оти факултетот им помогнал да развијат емоционални вештини, додека еднаков број луѓе го кажале спротивното.

Повеќето од испитаниците сметале дека менталното здравје е приоритет на нивното работно место и 46 отсто се согласиле со изјавата дека отворената дискусија за менталната благосостојба се поттикнува на нивните работни места. Сепак, речиси четвртина од учесниците не се согласуваат со таа изјава.

„Овие наоди треба да ги поттикнат лидерите во високото образование и работната сила да се гледаат меѓусебно како партнери во поддршката на менталното здравје и благосостојбата на младите професионалци“, вели Лин Паскерела, која е претседателка на Американската асоцијација на колеџи и универзитети и партнер во анкетата.

И покрај предизвиците, три четвртини од анкетираните млади работници рекле дека се чувствуваат оптимисти за нивната иднина. Скоро исто толку рекле дека животот им има смисла и имаат цели за достигнување. Околу 85 отсто исто така рекле дека се чувствуваат компетентни и способни за активностите што им се важни.