Македонија Анкета: Одлуки треба да носат професионалците, а не политичарите

Анкета: Одлуки треба да носат професионалците, а не политичарите

Во демократиите донесувањето на одлуките треба да се остави на професионалците и на интелектуалците, а не само на политичарите, сметаат 87 отсто од македонските граѓани, а 7 отсто не се согласуваат, покажуваат резултатите од студијата „Политичка култура, европеизацијата и стравовите во Македонија“ од анкетното истражување „Еврометар“ спроведено во 2014 година.

Дека во Македонија има целосна демократија, сметаат 34 отсто од граѓаните, додека 39 отсто сметаат дека воопшто нема демократија.

Членството на Македонија во Европска Унија би било добра работа сметаат огромно монозинство од Албанците (91 отсто), испитаниците со завршено основно образование (74 отсто) и симпатизерите на СДСМ (68 отсто), додека помал степен на согласување може да се забележи кај етничките Македонци (54 отсто) како и кај симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (53 отсто).

75 отсто од Албанците и 60 отсто од симпатизерите поблиски до СДСМ се согласни со тврдењето дека Европска Унија е најдобра алтернатива за Македонија. Симпатизерите поблиски до ВМРО-ДПМНЕ се со најизразен став (54 отсто) дека Македонија треба да бара сопствен модел за развој надовр од ЕУ, а само 36 отсто сметаат дека ЕУ е најдобрата алтернатива.

– Кај сите клучни прашања во однос на пристапувањето кон ЕУ, најголем е јазот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Албанците како етничка група. Така, три четвртини од Албанците сметаат дека Владата го користи спорот за името за да не ги спроведува реформите. Сличен процент има и кај симпатизерите на СДСМ – вели Љупчо Петковски од Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).

Анкетата е спроведена телефонски, на репрезентативен примерок од 1.194 испитаници во периодот од 25 февруари од 19 март оваа годна.