Економија Анѓушев уште еднаш ги повика ЕЛЕМ да го сопрат објавувањето јавни повици

Анѓушев уште еднаш ги повика ЕЛЕМ да го сопрат објавувањето јавни повици

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, уште еднаш го повика раководството на АД ЕЛЕМ, веднаш да го запре објавувањето на јавните повици со проценета вредност од 80 милиони евра, за да се избегне штета на државниот и на буџетот на компанијата.

„Наспроти укажувањето од Владата, раководството на ЕЛЕМ, најпрвин во петокот, на 15 јуни, објави јавен повик за набавка на рударска опрема за РЕК Битола во вредност од 34 милиони евра, за денеска да го објави и јавниот повик за изградба на топлификација на Битола, Новаци, Логоварди и на Могила во вредност од 46 милиони евра“, се вели во соопштението од кабинетот на Анѓушев.

Оттаму потсетуваат дека раководството на ЕЛЕМ имало 11 години да ги реализира овие проекти, а особено проектот за топлификација на Битола.

Вицепремиерот нагласи дека одредена штета е веќе направена со објавувањето на јавните повици, но според него, „крајно време е управниот одбор на компанијата да донесе одлука за мораториум на проектите за да не се направи поголема штета и да не се загрози имиџот на Македонија и во меѓународни рамки“.