Свет Балкан Ангел Димитров: Скопје нема подготвеност за промени, македонски колеги се жалат на...

Ангел Димитров: Скопје нема подготвеност за промени, македонски колеги се жалат на притисоци

Фото: Исечок од видеото

На дневниот ред на последната средба на Заедничката македонско-бугарска историска комисија беа учебниците по историја, кои се однесуваат на периодот на средновековието во Бугарија и во Република Северна Македонија и евентуално заедничкото чествување на Гоце Делчев. Но повторно ништо не се случи, рече бугарскиот ко-претседател на Комисијата, Ангел Димитров, во интервју за бугарската национална телевизија БНТ.

„Повторно ништо не се случи. Тоа е интересен и важен сигнал за севкупната ускладеност, но пред сѐ за атмосферата во која што работеше нашата комисија на последната 20-та средба. Слободно можам да кажам дека таму нема подготвеност за некаква промена“, изјави Димитров за БНТ.

Тој нагласи дека средбата се одржала во време кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара да се распише референдум за отфрлање на Договорот со Бугарија за пријателство и добрососедство, а според Димитров, некои од македонските колеги отворено зборувале дека се подложени на закани и притисок да не го менуваат ставот.

„Тоа не значи дека тие се подготвени да го направат тоа, но зборуваме за атмосферата во јавноста и тоа јасно покажува што се случува во Република Северна Македонија“, коментира Димитров.

Според него, Гоце Делчев е постојано во програмата на Комисијата веќе трета година и никако да се стигне до него. Она што е решено и објавено, вели, е дека треба да се пристапи кон промена на учебниците во Северна Македонија, односно оние учебници кои се надвор од „нашата заедничка историја”.