Ctrl - Z Андреј Медиќ Лазаревски ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна од млад...

Андреј Медиќ Лазаревски ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна од млад автор на „Струшките вечери на поезијата“

Жирито ја истакна интертекстуалноста на неговата песна „Твоја ли е градината, Алиса“, која алудира на „Алиса во земјата на чудата“

Фото: Струшки вечери на поезијата

Песната „Твоја ли е градината, Алиса“ на македонскиот автор Андреј Медиќ Лазаревски ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна од млад автор прочитана на „Струшките вечери на поезијата“.

Жири-комисијата, составена од Митко Гогов, Иван Шопов и Игор Трпчески, вели дека станува збор за песна во која доминира интертекстуалната игра.

„Повикувајќи се на светскиот класик ‘Алиса во земјата на чудата’, низ интертекстуална игра Андреј Медиќ Лазаревски храбро и софистицирано води дијалог со себеси и светот, преиспитувајќи ги своите внатрешни лавиринти низ неконвенционални и свежи поетски слики. Низ стиховите авторот успева да изгради култивирана визура во сопствениот лирски и филозофски дискурс. Песната нѐ води низ еден специфичен имагинарен времепростор, во кој авторот успева да дополнително да ги очуди познатите симболи, давајќи им нова смисла и семантичка сила“, вели жирито на меѓународниот поетски фестивал.

Синоќа заврши официјалниот дел на 63-то издание на „Струшките вечери на поезијата“, а фестивалот ќе се заокружи со Меѓународен поетски митинг во Скопје, кој ќе се одржи вечерва на платото на Музејот на современа уметност, со почеток во 20:30 часот.

Песна беше објавена на Култура Бета, а во продолжение може да ја прочитате во целост.

твоја ли е градината, алиса?

влегувам низ вратата, алиса
ја гледам градината
и таа е одвратна, алиса
во гробот се превртувам.

те замислувам и те мислам, алиса
играм покер, немам џокер
четири дами в рака
и еден крал скриен в ракав.

влегувам низ вратата, алиса
и гледам
како си ја прокоцкувам сопствената иднина.

одам, одам, одам,
љубам, љубам
се губам
имам четири девојки одеднаш, алиса
и еден крал ‒ дрег кралица
бегам и од традицијата
и од либералните вредности, алиса
а и двете ме држат
и ме влечат
налево, налево, налево
надесно, надесно, надесно.

не можам да избегам
ја затворам вратата, алиса
дома сум
се чувствувам како во твојата земја
како во твојата градина.