Македонија Анализата за отвореноста – поттик за отчетно и интерактивно Собрание

Анализата за отвореноста – поттик за отчетно и интерактивно Собрание

Анализата за степенот на отвореноста, отчетноста и транспарентноста на работата на собранијата во регионот и во Македонија во 2017 година покажа  полоши резултати споредено со претходниот период на истражување. Во просек биле исполнети 61% од индикаторите од областа на отвореност. Резултатот е понизок за 2% во споредба со отвореноста забележана во 2016, кога таа изнесуваше 63%.

Анализата направена во рамки на второто мерење, преку проектот ACTION SEE денес беше доставена до координаторите на пратеничките групи во Собранието, до претседателот и потпретседателите на Собранието.

– На овој начин сметаме дека ќе поттикнеме и дебата и дискусија, како и намера за граѓанско учество и користење на алатките за комуникација со пратениците и онлајн добивање одговори вели Лилјана Пецова Илиеска, од Фондацијата „Метаморфозис“, координатор на проектот.

Ова е и една од забелешките во aнализата каде што е посочено дека Собранието треба да направи повеќе во рамки на организацијата и усовршувањето на комуникациите преку расположливите алатки, тоа треба да ги поттикнува пратениците повеќе да ги користат алатките и тие да бидат промовирани меѓу граѓаните.

Проектот ACTION SEE  се спроведува во регионот на Западен Балкан и ги мониторира институциите на извршна, локална, судска власт и собранијата.

Анализата се однесува на степенот на отвореноста, отчетноста и транспарентноста на работата на собранијата во регионот.

Во неа се посочува дека „Собранието треба да направи повеќе во рамки на организацијата и усовршувањето на комуникациите преку расположливите алатки, тоа треба да ги поттикнува пратениците повеќе да ги користат алатките и тие да бидат промовирани меѓу граѓаните.“

Исто така се забележува и дека Собранието треба да работи на подобрување на отвореноста на работните тела (комисиите), со тоа што би се објавувале присуствата на пратениците на сесиите, стенограмските и видео записите, како и начинот на гласање на пратениците на работните тела. Според сегашната пракса се објавуваат заклучоците и предложените амандмани, а видео записите (кои се емитуваат и со задоцнување од неколку дена и без информации кога ќе се објават од одредени седници) и покрај тоа што се емитуваат на националниот собраниски ТВ канал, не се објавуваат на веб страницата на Собранието.