Свет Балкан Албанија усвои закон за увоз на отпад

Албанија усвои закон за увоз на отпад

Албанскиот парламент вчера го усвои законот за увоз на отпад од странство. Активистите за заштита на животната средина се противеа на законот поради што вчера протестираа пред парламентот.

Претходната влада го донесе законот за увоз на отпад од странство во 2011 година, но тој наиде на голем отпор кај активистите за животна средина и кај тогашната опозициска Социјалистичка партија.

– Единствената причина поради која мафијата го насочува својот поглед кон земји како Албанија е за да им испрати ѓубре и само една е причината поради која државите како Албанија, кои немаат стандарди за гранична контрола или територијален менаџмент, се согласуваат на такво нешто, а тоа е поврзаноста со големите финансиски интереси – изјави своевремено Еди Рама, кој во тој период беше дел од опозицијата.

Активистите и опозицијата тогаш собраа повеќе од 65.000 потписи за да го постават прашањето на референдум. Сепак, референдумот беше откажан откако социјалистичката коалиција дојде на власт во 2013 година и го повлече законот.

Иако владата тврди дека законот е направен во согласност со стандардите на Европската Унија, критичарите велат дека ситуацијата со управувањето на границите не е поинаква од таа во 2013 година.

Имајќи ја предвид географската позиција на Албанија, активистите стравуваат дека земјата може да стане отпад за богатите земји од ЕУ.