Дописници Ал Ди Меола и Продиџи во Охрид

Ал Ди Меола и Продиџи во Охрид

Викендов Охрид ќе биде центар на музичките збиднувања во земјава. Концертите на еден од најдобрите гитаристи во светот Ал Ди Меола и групата Продиџи, во рамки на фестивалот „Охрид колинг“, се очекува да донесат гости од целиот Балкан, но и од Англија и Холандија.

– По концертот на светски познатите диџеи Ники Ромеро и Лост Фрекуенцис на 1 август, покажавме дека Охрид е подготвен за организација на фестивал кој од година во година ќе прерасне во еден познат бренд на Балканот, но и пошироко. Покажавме дека заедно во Охрид можеме да имаме настани кои ќе го сместат градот на туристичката мапа на концертни градови многу пошироко од балкански рамки и очекувам дека овој викенд ќе биде врвот на првото издание на фестивалот – вели Ѓоко Апостолов од општина Охрид, која заедно со „Авалон продукција“ го организира фестивалот.

Организаторите информираат дека интересот за двата концерта е огромен, а особено радува тоа што освен од балканските земји, голем интерес има и од Англија и Холандија.

– Кон ова голем придонес имаат и директните авиолинии кои на вљубениците во музиката од овие земји им овозможуваат за малку пари да дојдат и слушаат музички ѕвезди од светски калибар – потенцира Апостолов.

Од „Авалон продукција“ најавуваат незаборавни музички доживувања со светските музички ѕвезди кои викендов ќе настапат во Охрид.

– Ал Ди Меола кој е еден од најдобрите гитаристи во светот на сите времиња, екслузивно го имаме на сцената на Антички театар, едно преубаво место, спој на светски уметник и прекрасен простор. Се надевам дека сите кои ќе дојдат ќе уживаат. Финалето е со светската атракција, групата Продиџи. Подготовките течат одлично, имаме беспрекорна соработка со локалната самоуправа. Ова е фестивал со кој може да се гордеат и Охрид и Македонија – вели Денис Илиоски од „Авалон продукција“.

Од таму предупредуваат дека има појава на продавање на фалсификувани билети за концертите, па затоа со совет до заинтересираните да бидат внимателни и да купуваат билети само на назначените официјални места за продажба.