Дописници Акција за чистење на Студенчишко блато и плажите за Денот на Охридското...

Акција за чистење на Студенчишко блато и плажите за Денот на Охридското Езеро

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, утрово кај Студенчишко блато, на повеќе пунктови, ја почна акцијата за чистење на просторот, а по завршувањето на акцијата Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ ќе го собере отпадот. Блатото е избрано како единствениот природен филтер на Охридското Езеро, единствената причина поради која езерото е сè уште живо. Зборно место е мостот кај каналот.

На овој начин Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ го одбележува Денот на Охридското Езеро. Претходно, со јавен повик, ги анимираше месните заедници од крајбрежјето, општините Охрид и Струга, како и ЗЕЛС, да се приклучат во голема акција за чистење на охридските плажи.

На повикот јавно се огласија месните заедници: Лагадин, Трпејца, Пештани, Љубаништа и Елшани.

По завршувањето на акцијата, ќе ја објават петицијата за заштита на Охридско Езеро и за запирање на сите штетни проекти за урбанизација што може да значат и губење на заштитата од УНЕСКО, но и уништување на еден извонредно редок еко-систем, стар повеќе од две-три милиони години со повеќе од 200 ендемски и реликтни видови.

– Чистењето на животната средина не е само мала занемарлива активност или активност со мало влијание. Ваквиот чин на освестеност за природата е пример за идните генерации, од кои зависи опстојувањето на човечкиот род на оваа планета. Природата ќе продолжи да постои со нас или без нас. Затоа упорно порачуваме дека не ѝ требаме ние неа, туку таа ни треба нам. Од таа причина треба да се научиме еднаш засекогаш да не ја сечеме гранката на која седиме и да имаме почит кон тоа што нè опкружува. Ние сме неразделен дел од природата, нејзин производ, кога ѝ наштетуваме нејзе, си наштетуваме самите. Се бориме и институционално за заштитата на Охридското Езеро и на неговата околина, но свесни сме дека ваквите теренски акции се исклучително потребни, бидејќи едукацијата и практичните примери се едни од најважните аспекти во борбата за заштита на животната средина – порачаа од Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“.

Во Охрид и во Струга, од петокот до понеделник, со повеќе манифестации, се одбележува Денот на Охридското Езеро – 21 јуни. Oдбележувањето содржеше рекреативната велосипедска трка околу езерото, потоа еко-патрола за собирање смет од Градска плажа, Студенчишко блато, Лагадин, Трпејца и во Љубаништа, а како новина оваа година беа внесени јога-вежбите и медитација, со порака за мир и за ненасилство.