Свет Актерот Шон Пен го интервјуирал Ел Чапо додека бил во бегство

Актерот Шон Пен го интервјуирал Ел Чапо додека бил во бегство

Холивудскиот актер Шон Пен го интервјуирал најголемиот мексикански нарко-дилер Хоакин Гузман Лореа, попознат како Ел Чапо, на тајна локација, неколку месеци по неговото бегство од затвор во јули минатата година.

Интервјуто, направено во октомври во мексиканската џунгла, е објавено во саботното издание на американскиот магазин „Ролинг стоун“.

Гузман беше уaпсен во петокот оваа недела, а информацијата ја објави претседателот на Мексико, Енрике Пења Нието, на својот твитер-профил.

Неименуван мексикански службеник, како што пренесува „Би-Би-Си“, изјавил дека тајните средби на Пен помогнале во лоцирањето на Гузман.

Мексиканскиот јавен обвинител, Арели Гомез, во петокот изјави дека важен момент во фаќањето на бегалецот било откривањето на неговите намери да се направи биографски филм за него.

„Тој контактирал со актерки и со продуценти, што беше дел од истрагата“, изјави Гомез.

Во написот во „Ролинг стоун“, Пен и Гузман разговараат на разни теми, меѓу кои и трговијата со дрога. Гузман е цитиран како вели дека „ако нема потрошувачка, нема ниту продажба“.

Од канцеларијата на мексиканскиот јавен обвинител вчера соопштиле дека ќе биде почната постапка за екстрадиција на Гузман во Соединетите Американски Држави (САД), кои го бараат од 2014 година.

Ел Чапо побегна од затворот Алтиплано во јули минатата година. По неговото бегство, мексиканските власти открија тунел со должина од повеќе од 1,5 километар, кој го искористил за да побегне од затворот со максимално обезбедување. Ова беше негово второ бегство од затвор. Во 2001 година тој побегна од затворот Пуенте гранде, а повторно беше уапсен по 13 години, во 2014 година.