Економија Ако нема договор за повисоки плати до 27 јуни, вработените во УЈП...

Ако нема договор за повисоки плати до 27 јуни, вработените во УЈП најавија генерален штрајк

„УЈП е една стожерна институција, ќе се наруши исплата на плати, пензии и други исплати, ќе се блокира бизнис-секторот, повратот на данок, вадењето уверенија и други потребни документи. Тоа е момент што ние не го посакуваме, меѓутоа вработените се револтирани“

фото: Управа за јавни приходи (УЈП)

Ако до 27 јуни вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) не го добијат бараното покачување на платите за 30 отсто, ќе следува генерален штрајк, а тоа ќе значи дека сите исплати во државата ќе бидат блокирани, најавија денеска синдикалците од оваа институција.

„Понудено е помирување преку Министерството за труд и социјална политика согласно регулатива и предложен помирувач, а претходно е известен работодавачот“, изјави Васе Недановски од синдикатот на УЈП.

Тој објасни дека штрајкот би се случил не по нивна вина бидејќи нивните аргументи, мислења и докази не биле земени предвид.

„Не сакаме да дојдеме до резултат врз основа на нешто што ќе се случи и ќе предизвика поголеми последици. УЈП е една стожерна институција, ќе се наруши исплата на плати, пензии и други исплати, ќе се блокира бизнис-секторот, повратот на данок, вадењето уверенија и други потребни документи. Тоа е момент што ние не го посакуваме, меѓутоа вработените се револтирани. Очигледно е дека не се сака да се седне“, додава Недановски.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера кажа дека работниците имаат право да ја искажат својата загриженост, а раководствата на УЈП и на Царина треба да разговараат со нив, како и со министерот за финансии, за да се најде решение.