Македонија Адвокатска комора ја намали адвокатската тарифа за нотарските договори за повеќе од...

Адвокатска комора ја намали адвокатската тарифа за нотарските договори за повеќе од 10.000 евра

Адвокатската комора на Република Македонија денеска соопшти дека донела одлука за намалување на адвокатската тарифа за нотарските договори со вредност поголема од 10.000 евра.

„Во интерес на што поголемо растоварување на граѓаните, како и на стопанските субјекти, а како што беше најавено и при донесувањето на Законот за нотаријат, управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија донесе одлука за намалување на адвокатската тарифа во однос на договорите со вредност поголема од 10.000 евра, кои во согласност со новиот Закон за нотаријат задолжително треба да бидат подготвени од адвокат. Воедно, за состав на овие договори повеќе нема да се пресметува ни износот од 30 отсто на име паушал“, стои во соопштението од Адвокатската комора.

Оттаму додаваат дека, исто така, и во постапките за издавање платен налог, адвокатските трошоци ќе се пресметуваат во износ од 70 отсто од адвокатската награда и нема да се наплатува состав на полномошно и трошковник.

„Доколку ваквиот став на Адвокатската комора на Република Македонија го следат и другите субјекти во постапките, со намалување на надоместоците на нотарите и извршителите во постапките, ќе дојде до значително финансиско олеснување за граѓаните и за правните субјекти во остварување на нивните права во овие постапки“, велат од комората.