„Адора инженеринг“ соопшти дека на јавна лицитација понудила 9,3 милиони евра за да ги купи скопските топлани Исток и Запад и најголемиот дел од останатиот имот на Топлификација АД, која е во стечај.
Компанијата на Ванчо Чифлиганец со тоа сака да преземе голем дел од инфраструктурата за парно греење во Скопје и производството на топлинска енергија.
Двете наведени топлани, како и голем дел од мрежата за снабдување со топлинска енергија во Скопје, сега ги користи „Балкан енерџи груп – БЕГ“, со договор со „Топлификација“.
Производство на топлинска енергија во Скопје вршат и ЕСМ Енергетика и топланата Скопје-Север, а БЕГ управува и со „ТЕ-ТО“, комбинираната електрана што произведува и струја и топлинска енергија.