Македонија Адеми и Даниелсон разговарале за изборите, реформските приоритети и за ИПА-фондовите

Адеми и Даниелсон разговарале за изборите, реформските приоритети и за ИПА-фондовите

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Арбер Адеми, се сретна со генералниот директор на Директоратот за проширување и за соседска политика на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, со кој разговарал за актуелната политичка состојба во земјата, претстојните парламентарни избори, реформските приоритети, како и за ИПА-фондовите.

„Двајцата соговорници констатираа дека оценката на политичките лидери дека се исполнети условите за организација на парламентарните избори е позитивен исчекор. Во претстојниот период потребно е да се вложат напори да се организираат демократски, веродостојни и инклузивни избори чии резултати ќе бидат широко прифатени. Од аспект на реформските приоритети, Адеми нагласи дека е потребно да се продолжи со реализација на предвидените мерки и активности, имајќи предвид дека станува збор за области кои се од суштинско значење за реформите поврзани со процесот на европска интеграција на земјата“, соопштуваат од кабинетот на вицепремиерот Адеми.

Соговорниците, исто така, се согласиле дека треба да продолжи поддршката за работата на Специјалното јавно обвинителство, како и практиката на блиска соработка и координација меѓу државните институции и Европската комисија.