Свет Масовни протести против власта во Бразил

Масовни протести против власта во Бразил

Десетина илјади луѓе протестираа против владата на улиците во повеќе градови во Бразил.

Ова е втор ваков протест за помалку од еден месец, додека анкетите покажуваат дека претседателката Дилма Русеф, четири месеци откако го почна вториот мандат, има најниско ниво на популарност поради корупцискиот скандал со државната нафтена компанија „Петробрас“ и поради лошата состојба на економијата и падот на вредноста на домашната валута.

Протестите ги организираат разни групи преку социјалните мрежи. Поголемиот дел од демонстрантите бараат да се смени претседателката Русеф, а има и барања војската да ја преземе власта.

Демонстрантите, сепак, беа во помал број отколку на 15 март, кога повеќе од 200.000 луѓе излегоа на улиците само во Сао Паоло. Тие протести беа поголеми од оние во 1984 година, кога на улиците се бараше крај на воената диктатура.