Дописници 43-годишен тетовец живее во дом кој во секој момент може да се...

43-годишен тетовец живее во дом кој во секој момент може да се урне

Куќата на 43-годишниот Бране Глигориевски од тетовската населба Певчина, во секој миг може да се урне. Неговиот дом е стар еден век, а врнежите изминатиот период ја нарушија стабилноста на куќата. Дел од покривот и надворешните ѕидови на објекот се паднати, па тој стравува за својата безбедност.

– Страшно е да се живее тука, кога врне и дува ветер цела куќа се тресе, па од страв излегувам надвор и во дворот ја преспивам ноќта – вели Глигориевски.

Бране вели дека и локалните и централните власти неколкупати му ветиле дека ќе интервенираат во санацијата на неговиот дом или изградба на ново пристојно живеалиште, но од ветеното нема ништо реализирано.

– Сега доаѓа зима, па големите врнежи се постојано закана за мојот живот, покривот на куќата може да се урне. Апелирам институциите да ми помогнат – вели Глигориевски.

Бране живее сам. Тој е без работа, а социјална помош не може да прима бидејќи на негово име се води дотраената куќа.