Македонија 2 Август годинава ќе го славиме под мотото „120 години Илинден –...

2 Август годинава ќе го славиме под мотото „120 години Илинден – Огниште на татковината“

Од македонската влада информираат дека националниот празник ќе се чествува преку голем број свечености

Извор: Влада на РСМ

Под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“, годинава ќе се одбележи 2-ри Август – Денот на Републиката, информираат од владината прес-служба. Во таа чест, делегации на Владата на Република Северна Македонија, на Собранието на Република Северна Македонија и на Претседателот на Република Северна Македонија ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености.

Па така, на 1-ви август во 20:30 часот во Крушево, традиционално, во организација на НКС „Десет дена Крушевска Република“ се отвора истоимената манифестација која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево, пред нашите граѓани. На отворањето на НКС „Десет дена Крушевска Република“ ќе присуствува и ќе се обрати и премиерот Димитар Ковачевски.

Делегации на македонската влада ќе учествуваат на сите настани опфатени со државната програма за одбележување на државниот празник 2 Август – Илинден.

Одбележувањето на Денот на Републиката, Илинден во среда ќе започне со настаните во Скопје, каде на свечена манифестација на Тврдината Кале во Скопје ќе се обрати премиерот Димитар Ковачевски, а високи владини делегации ќе положат цвеќе на повеќе локации во градот.

Во 8:30 часот владина делегација во чиј состав се министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ ќе положат свежо цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на Градскиот плоштад. Свечената манифестација во Скопје, продолжува на Тврдината Кале во Скопје, во 9:30 часот, каде по положувањето на свежо цвеќе пред споменикот на Слободата „Сила, слава и победа”, ќе се обрати премиерот Димитар Ковачевски.

По обраќањето на премиерот на свеченоста, следува културно-уметничка програма.

Премиерот Ковачевски, ја предводи владината делегација во чиј состав се првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи и министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, предводејќи висока државна делегација со државни почести и чествувања ќе го одбележи големиот национален празник Илинден во Крушево.

Во состав на владината делегација на чествувањето на државниот празник 2 Август во Крушево се министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

Владината делегација ќе се поклони и ќе оддаде почит положувајќи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република, со почеток во 9 часот.

Од 10 часот, со присуство на панихидата за загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола“, на Владината делегација и со положување цвеќе на споменикот на Мечкин Камен продолжува церемонијата во чест на националниот празник, по што на Мечкин Kамен во 11:30 часот, започнува манифестацијата на која свечено ќе се обрати претседателот на Собранието, Џафери.

Во рамки на централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август во Крушево ќе биде одржана празнична културно-уметничка програма. Претседателот на државата Стево Пендаровски во 10:15 часот, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, на 2 август 2023 година, ќе се обрати пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце.

Во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија – АСНОМ, пред споменикот на АСНОМ, ќе биде положено свежо цвеќе, по што претседателот Пендаровски, ќе се обрати и следува организирана културно-уметничка програма.

На споменикот на АСНОМ во Меморијалниот центар Пелинце, по повод националниот празник Илинден, владината делегација ја сочинуваат министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

Свечената програма за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општината Демир Хисар, каде се чествува со положување цвеќе и фолклорна манифестација.

Од 09 часот, Владината делегација, во состав на заменик министерот за финансии Филип Николовски и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, ќе оддадат почит на могилата Даме Груев, споменикот на смилевските Илинденци и спомен плочата на Смилевскиот партизански одред, по што следува посета на Меморијалниот музеј, положување цвеќе на споменикот на Даме Груев, по што во спомен паркот „Даме Груев“ започнува традиционалната прослава.