Економија Сугарески: Осум милиони евра за реконструкција на патот од Гостивар до Кичево

Сугарески: Осум милиони евра за реконструкција на патот од Гостивар до Кичево

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески информираше дека во реконструкција на патниот правец Гостивар-Кичево ќе се инвестираат осум милиони евра, бидејќи годишно таму поминуваат четири милиони патници.

„Вкупно осум милиони евра се инвестираат преку Јавното претпријатие за државни патишта за реконструирање на патниот правец од Гостивар до Кичево. Претходно ја реконструиравме делницата од Гостивар до Колари и дополнително уште пет мостови. Некаде октомври минатата година започнавме и со реконструкција на оваа делница од Колари до Кичево, но заради врменските услови имаше мал застој. Започнато е со интензивно асфалтирање и очекуваме целиот проект да се заврши до крај на јуни за да може пред летната сезона да овозможиме побезбедно возење на оваа траса. Дополнително сакам да истакнам дека се работи насекаде низ државата и очекувам голема реализација на капиталните инвестиции оваа година”, изјави Сугарески.

Тој информираше дека активно се работи и на изградба на автопатот од Кичево до Охрид и најави дека оваа година Јавното претпријатие за државни патишта ќе заврши со проектирање на првата фаза (Кичево – Букојчани) за изградба на нов автопат Гостивар – Кичево.

Сугарески потенцираше дека насекаде низ државата се реализираат инвестиции во инфраструктурната мрежа во износ од преку една милијарда евра.