Македонија Зврлевски: Неопходни се законски измени за контрола на прислушувањето

Зврлевски: Неопходни се законски измени за контрола на прислушувањето

Нелегалното следење на комуникациите доведе до голема општествена криза во Република Македонија, но ова не е првпат системите за следење на комуникациите да бидат злоупотребени во земјава, изјави републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски, на конференција на тема „Следење на комуникации – законска рамка и искуства, улогата на јавниот обвинител“, која денеска се одржува во Скопје.

– Системите за следење на комуникациите како средство се користат и се злоупотребуваат и од други земји. Токму поради тоа улогата на јавните обвинители треба да стане поизразена, за да се намалат ваквите злоупотреби – рекол Зврлевски, пренесува „Телевизија 24“.

Токму поради овие причини, нагласил Зврлевски, потребни се измени на законското решение со кое се регулира следењето на комуникациите. Според него, иако е предвидено главниот збор да го има јавниот обвинител, тоа е само на хратија, бидејќи системите за следење на комуникацијата и понатаму остануваат единствено во рацете на Министерството за внатрешни работи.

Зврлевски смета дека според законските измени што ги предлага и меѓународната заедница, треба да се воведат силни контролни механизми на употребата на средствата за следење на комуникациите.

На меѓународната конференција присуствуваат јавни обвинители и нивни заменици од Албанија, Косово, Русија, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска и од Босна и Херцеговина.