Македонија ЗНМ и СЕММ утре ќе го промовираат регистарот на професионални онлајн медиуми

ЗНМ и СЕММ утре ќе го промовираат регистарот на професионални онлајн медиуми

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), ќе информираат за резултатите од креирањето регистер на професионални онлајн медиуми, утре во Европската куќа во Скопје.

Кон процесот за креирање на регистерот се приклучи и Стопанската комора на Македонија.

„Постапката се одвиваше според критериумите усогласени меѓу СЕММ и ЗНМ по примери од практиката во развиените демократски општества и Советот на Европа, а беше консултирана и новинарската, медиумската и бизнис заедницата во државата. Целта на соработката со Стопанската комора е преку изработката на регистерот да се олесни пристапот до реклами на бизнис заедницата во професионални онлајн медиуми, наспроти оние кои не ги исполнуваат критериумите за членство и редовно ги прекршуваат етичките стандарди“, се вели во соопштението.

Се очекува регистарот на професионални онлајн медиуми да ѝ помогне и на јавноста полесно да препознае кои медиуми ги исполнуваат наведените критериуми и се придржуваат до стандардите на етичкото известување при своето работење.

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.