Македонија ЗНМ: Екипи на Алсат и ТВ21 биле спречени да си ја работат...

ЗНМ: Екипи на Алсат и ТВ21 биле спречени да си ја работат работата, тоа е недозволиво

Укажуваме дека попречувањето на новинарите и медиумските работници да ја извршуваат својата професионална задача е неприфатливо и придонесува кон цензура, наведено е во соопштението на ЗНМ

Фото: ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на опструкцијата и попречувањето на новинарите и медиумските работници да ја вршат својата работа од неодговорни поединци, жители на селото Галате, општина Врапчиште.

„Според информациите кои пристигнаа до ЗНМ од страна на колегите новинари и медиумски работници, денеска при земање на изјави и снимање на инсерти екипите на ТВ АЛСАТ и ТВ21 биле вербално нападнати и спречени да ја извршат својата професионална работа на јавен простор. Односот кон новинарите и медиумите кои работат на терен е од особена важност за слободата на информирање и изразување во демократското општество“, наведено е во реакцијата на ЗНМ.

Оттаму очекуваат дека ќе има брза истрага за инцидентот и одговорните да сносат последици, а воедно да се спречат и демотивираат вакви инциденти во иднина.

„Укажуваме дека попречувањето на новинарите и медиумските работници да ја извршуваат својата професионална задача е неприфатливо и придонесува кон цензура“, наведено е во соопштението на ЗНМ.