Подглавна секција Зеленски во САД ќе им го претстави својот „план за победа“ на...

Зеленски во САД ќе им го претстави својот „план за победа“ на Бајден, Трамп и Харис

„Оваа есен ќе ја одреди иднината на оваа војна“, рече Зеленски во видео снимено од авион

Украинскиот претседател Володимир Зеленски зборува на Генералното собрание на ОН во 2023 година / фото: Укринформ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера пристигна во САД во клучна посета за да го претстави планот на Киев за ставање крај на две и полгодишната војна со Русија.

Тој ќе им ги претстави своите предлози, кои ги нарекува „план за победа“ на претседателот Џо Бајден, како и на кандидатите за претседател Камала Харис и Доналд Трамп, а ќе присуствува и на седниците на Генералното собрание на ОН, јави Гардијан.

Посетата доаѓа по лето на интензивни борби, при што Москва напредува брзо во источна Украина, а Киев се држи до делови од рускиот регион Курск. Украина со недели го притискаше Западот да му дозволи да користи испорачано оружје со долг дострел за да напаѓа цели длабоко во Русија, но досега безуспешно.

Зеленски ги повика своите партнери да помогнат да се постигне „заедничка победа за вистински праведен мир“, во објава на социјалната мрежа Х со неговото ноќно видеообраќање.

„Оваа есен ќе ја одреди иднината на оваа војна“, рече Зеленски во видеото снимено од авион.

Секретарот на внатрешни работи на Обединетото Кралство, Дејвид Лами, посочи дека во тек се деликатни преговори со Белата куќа за да ѝ се дозволи на Украина да ги користи ракетите „Бурна сенка“ во Русија.

Оваа изјава на Лами доаѓа нешто повеќе од една недела откако тој и британскиот премиер Кир Стармер го посетија американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа.

Во меѓувреме, борбите во Украина продолжуваат.

Најмалку 16 цивили се повредени, меѓу кои и едно 15-годишно момче, како резултат на синоќешните воздушни напади врз југоисточниот украински град Зопорожје. Спасувачите ги евакуирале жителите од неколку оштетени станбени згради, соопшти украинското Министерство за внатрешни работи на Телеграм.

Русија започна нови напади во градот Харков – погодени се високи станбени згради, а најмалку 21 се ранети во вториот последователен ноќен напад.