Свет Балкан Заврши потрагата по Данка, осомничените за убиство ја прегазиле со автомобил, па...

Заврши потрагата по Данка, осомничените за убиство ја прегазиле со автомобил, па го фрлиле телото на депонија

Осомничените лица работеле во Водовод, а српската полиција во моментов ја пребарува депонијата во која било фрлено телото на двегодишното дете, кое се водеше како исчезнато од 26 март

Фото: Министерство за внатрешни работи на Србија

Двегодишната Данка Илиќ од српскиот град Бор, која се водеше како исчезната од 26 март, била убиена со автомобил, а две лица се приведени под сомнеж дека го прегазиле девојчето, соопшти српското Министерство за внатрешни работи, а пренесува Н1.

Уапсени се лицата С.Ј. (50) и Д.Д. (50), кои работеле во Јавното претпријатие Водовод во Бор.

„С.Ј. е осомничен дека на улицата ‘Радомир Путника’ со службеното возило ‘Фиат Панда’ удрил во пешак, двегодишна Данка, и ја усмртил. Заедно со колегата Д.Д. телото на девојчето го ставиле во багажникот на возилото, по што се упатиле кон дива депонија на ‘Старобањски пут’ кај Бор, каде телото го фрлиле на десната страна од патот“, изјавил извор близок до истрагата.

Српската полицијата во моментов ја пребарува депонијата, а влезот на локацијата е блокиран.

Данка Илиќ исчезна на 26 март околу 13 часот и 45 минути во Бањско поле, во близина на градот Бор. Кога исчезнала била со мајка ѝ и брат ѝ оттогаш ѝ се губи секаква трага. Поради нејзиното исчезнување, за прв пат во Србија беше активиран системот „Најди ме“.

Целиот регион се вклучи во обемната десетдневна потрага по Данка. Во јавноста се ширеа секакви теории за судбината на девојчето, вклучувајќи обвиненија против романска жителка во Виена, Австрија, откако се појави видео на кое се тврдеше дека се гледа жената со малата Данка, а всушност станувало збор за нејзината ќерка.