Дописници Заврши петтото културно-забавно лето „На зајдисонце“ во Трпејца

Заврши петтото културно-забавно лето „На зајдисонце“ во Трпејца

Со настапот на Викторија Чочороска од Вевчани, студентка по соло-пеење на ФМУ во Скопје, во придружба на Алмин Бајрамоски и на познатиот афористичар Сашо Бетоски, во Трпејца беше заокружено петтото издание на манифестацијата „На зајдисонце“.

Претходно на летната сцена со турнир беше заокружена традиционалната школа за шах, раководена од Борис Лушески од шаховскиот клуб „Ласкер“ од Охрид.

Со доделување благодарници и други подароци беше затворена школата за пливање, со која од почетокот на манифестацијата „На зајдисонце“ раководи Соња Думбалоска-Делова.

Ансамблот „Билјана“ го промовираше својот најнов албум, „Ој љубов, љубов“, и како по обичај ги собра сите симпатии на публиката.

Трајче Талевски, доктор по биолошки науки, преку видеопрезентација одржа предавање за рибното богатство на Охридското Езеро, кое беше проследено со особен интерес и од малите, но и од возрасните посетители.

Организатор на културно-забавното лето „На зајдисонце“ беше Здружението за промоција и за развој „За Трпејца со љубов“, под покровителство на Општина Охрид.