Македонија Заврши изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш

Заврши изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш

Извор на фотографија: Министерство за транспорт и врски

Под времен режим на сообраќај, но пуштен во функција пред рокот за завршување на градежните работи. Новиот експресен пат Штип-Радовиш граѓаните веќе можат да го користат при патувањата. Оваа патна делница е поврзана со автопатот Миладиновци-Штип и на граѓаните од југоисточните делови од земјава значително им го намалува времето на патување и безбедноста во сообраќајот додека патуваат кон Скопје.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска рече дека изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш е завршена четири месеци пред рокот. Делницата од населеното место Три чешми до обиколница Штип денеска е пуштена во сообраќај за сите возила.

Експресниот пат Штип-Радовиш е со должина од 40 километри, а неговата изградба започна во летото 2018 година. Првата фаза од оваа патна делница од обиколница Штип до Бучим со должина од 23,56 километри беше ставена во функција изминатово лето во јуни, додека втората фаза ја опфати изведба на делниците од Три чешми до обиколница Штип и од Бучим до Радовиш.

Реализацијата на експресниот пат Штип-Радовиш чинеше 62,9 милиони евра, а возачите по отстранувањето на времениот режим на сообраќај, ќе можат да се движат со максимална брзина од 110 километри на час. Со нејзиното завршување, времето на патување меѓу Скопје и Струмица двојно се скратува во споредба со досегашниот патен правец.