Македонија Завршена идентификацијата на телата на загинатите во авионската несреќа

Завршена идентификацијата на телата на загинатите во авионската несреќа

Од 19 часот синоќа, кога во Институтот за судска медицина во Скопје пристигнале роднините на загинатите во авионската несреќа кај селото Кожле, до 5 часот утрово траела постапката на идентификација на загинатите преку ДНК-анализа, потврди Институтот за судска медицина, пренесува „Телма“.

Со споредба на примерок од ДНК од роднините и од жртвите е утврден идентитетот на шестмината италијански државјани што настрадаа во падот на „пајперот“. Како што пренесоа медиумите, станува збор за лицата чии имиња претходно беа објавени.

Во процедура е подготовката на транспортот на телата на петте италијански државјани во нивната земја, додека косовскиот државјанин со италијански пасош, Висар Бегај, ќе биде погребан во Косово.

Истрагата за утврдување на причините за несреќата продолжува понатаму, со анализи на прибраните докази.

Авионската несреќа се случи во вторникот оваа недела, околу 17.40 часот, во близина на селото Кожле. Авионот од типот „пајпер“ летал од Тревизо за Приштина, а на скопскиот аеродром бил пријавен за дополнување гориво.