Македонија Затвореник од „Идризово“ со уцена спечалил речиси 15.000 евра

Затвореник од „Идризово“ со уцена спечалил речиси 15.000 евра

Затвореник упатувал закани кон мајка на осуденик од истиот затвор да им исплати пари за да не го нападнат нејзиниот син. Откако таа им исплатила пари, тие незадоволни од сумата, сепак физички го нападнале синот

Фото: Архива, Министерство за правда

Затвореник од казнено-поправната установа „Идризово“ за време на издржување на казната затвор успеал преку упатување на закани и уцени да спечали речиси 15.000 евра, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР). Заедно со уште едно лице, тој упатувал закани кон мајка на осуденик од истиот затвор да им исплати пари за да не го нападнат нејзиниот син. Откако таа им исплатила пари, тие незадоволни од сумата, сепак физички го нападнале нејзиниот син.

„СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ш.И.(35) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „уцена“. Пријавениот, кој е на издржување казна затвор во Казнено – поправната установа Идризово, заедно со уште едно лице подолг период упатувале закани кон мајка на осуденик во истиот затвор да им даде пари за да не го нападнат. Оштетената во неколку наврати им исплатила вкупно 14.965 евра. После тоа, тие и побарале уште 12.700 евра, а откако им кажала дека нема толку пари, тие физички го нападнале нејзиниот син“, се наведува во дневниот билтен на МВР.