Македонија Запалена уште една палма во Охрид

Запалена уште една палма во Охрид

Доцна синоќа е запалена уште една од палмите засадени во Охрид. Ова е трет случај, при што синоќа гореше палма во центарот на градот, односно на езерскиот кеј Македонија.

Четириметарското дрво го запалил непознат сторител, а е изгаснато со интервенција на противпожарната екипа.
ЈП „Македонски шуми“, пред две години, од Кина набави околу 500 влакнести палми, од кои 200 завршија во Охрид, со намера првиот македонски туристички центар да биде прикажан како „град на палмите“!

Другите беа засадени во други македонски градови.

Во Охрид, барем третина од засадените веќе се исушија, иако комуналците минатата зима ги „облекуваа“ во дебела зимска наметка!

Граѓаните и тогаш и сега реагираат на оваа изнасилена одлука за која не биле консултирани, укажувајќи дека градот со нив не е украсен, туку нагрден и дека растенијата нема да успеат на локалните климатски услови.