Македонија Западот сосила ги вовлекува Македонија, Црна Гора и БИХ во НАТО, смета...

Западот сосила ги вовлекува Македонија, Црна Гора и БИХ во НАТО, смета Николај Патрушев

Секретарот за безбедност на Русија, Николај Патрушев, синоќа изјави дека е поставен стабилен курс за понатамошна експанзија на НАТО, кој настојува во Алијансата сосила да се вовлечат Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Тој во интервјуто за „Росискаја газете“ вели дека постојат континуирани напори да се разместат елементи на американскиот глобален нуклеарен штит во Европа и на американскиот антиракетен штит во Јужна Кореја.

– Консолидираните напори на Западот, меѓу другото, се насочени кон поткопување на процесот на интеграција со нашата земја, девалвирајќи ја идејата за „руски свет“ во целина. Тоа ја загрозува безбедноста не само на Русија, туку и на одреден број земји – рече Патрушев.

Тој вели дека изборот на Доналд Трамп за претседател на САД не значи суштинска промена во руско-американските односи.

– Немаме илузии за скорешно слабеење на мерките за одвраќање на Русија – рече Патрушев и додаде дека постои простор за конструктивна соработка со САД во областа за борба против тероризмот, информациската безбедност и на некои други полиња.