Македонија Законот за владино рекламирање е повлечен благодарение на опозицијата, велат од СДСМ

Законот за владино рекламирање е повлечен благодарение на опозицијата, велат од СДСМ

Законот за владино рекламирање со кој власта сакаше да ја запечати корупцијата на медиумите со државни пари е повлечен благодарение на жестоката реакција на опозицијата, изјави попладнево на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Томислав Тунтев.

„Пратеничката група на СДСМ денеска во Собранието спречи уште една лудост на ВМРО-ДПМНЕ. Никола Груевски е во очај, веќе не се срами своите политики на поткупување заради замолчување да се обиде да ги подметне како законски решенија, но очигледно и нему и на ВМРО-ДПМНЕ им е јасно дека тоа веќе не поминува“, рече Тунтев.

Попладнево до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, пристигнало службено известување од Владата за повлекување на предлог-законот за информативни и за рекламни кампањи на јавните институции од собраниска процедура.

„Владата на Република Македонија на седницата, одржана на 25 август 2016 година, заклучи да се повлече од собраниска постапка предлог-законот за информативни и за рекламни кампањи на јавните институции“, стои во документот од Владата.

Од Владата засега нема официјално образложение зошто е повлечен предлог-законот од собраниска процедура.

Претходно СДСМ најави дека ќе го блокира донесувањето на законот и дека ќе поднесе 500 амандмани.