Македонија Законот за употреба на јазиците со 9 гласа „за“ помина во Комисијата...

Законот за употреба на јазиците со 9 гласа „за“ помина во Комисијата за европски прашања

Законот за употреба на јазиците го помина првото читање во собраниската Комисија за европски прашања. Пратениците со девет гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ од вкупно 18 членови, го усвоиле заклучокот дека законот е прифатлив од аспект на неговата усогласеност со правото на ЕУ и дека треба да се даде на понатамошно читање.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, побара наместо оваа Комисија, предлог-законот да го разгледува Комисијата за политички систем како матично тело.

– Оваа комисија не е матичното тело. Предлог-законот треба да го разгледува Комисијата со која претседава Александар Кирацовски, генерален секретар на СДСМ. Да го слушнеме неговото мислење и да го слушнеме мислењето од Комисијата за да може содржински да расправаме за тоа што Владата ни го наметнува и сака да го помине за три дена – рече Милошоски.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, му реплицираше дека според деловникот, претседателот на Собранието одредува кое е матичното тело и го одби неговто барање.

Пратеникот Ејуп Алими, кој е и координатор на пратеничката група на ДУИ, во завршниот говор за предлог-законот за унапредувањето на употребата на јазиците, рече дека со овој закон ќе се надминат јазичните бариери и ќе се подобри меѓуетничка толеранција.

– Предложениот закон за употреба на јазиците ниту значи двојазичност на цела територија на Република Македонија, ниту било какви права кои излегуваат надвор од Уставот – рече Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ.