Подглавна секција Законот за реорганизација на министерствата го поддржаа 88 пратеници, меѓу кои и...

Законот за реорганизација на министерствата го поддржаа 88 пратеници, меѓу кои и од ДУИ

Точно е дека законот ќе бил донесен и без пратениците на ДУИ, односно со двотретинско мнозинство од најмалку 80 гласа, но објавата ја манипулира јавноста создавајќи перцепција дека интегративците не гласале за законот на Мицкоски

Фото: Мета.мк

Не е вистина дека за измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, предложен од Мицкоски, гласале 81 пратеник и дека истиот не добил поддршка од ДУИ. Точно е дека законот ќе бил донесен и без пратениците на ДУИ, односно со двотретинско мнозинство од најмалку 80 гласа, но објавата ја манипулира јавноста создавајќи перцепција дека интегративците не гласале за законот на Мицкоски. Факт е дека за законот гласаа 88 пратеници, меѓу кои и пратеници на ДУИ и коалицијата „Европски фронт“, што може да се види и на официјалната веб-страница на Собранието, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека за законот за реорганизација на министерствата кој го предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, гласале 81 пратеник, односно законот не го поддржале пратеници од ДУИ.

ЗА Законот предложен од Христијан Мицкоски гласаа:

58 – пратеници на ВМРО-ДПМНЕ

14 – пратеници од ВРЕДИ

6 – пратеници од ЗНАМ

2 – пратеници од Турските партии

1 – пратеник од ДПА

Вкупно: 81 – ПРАТЕНИК

Ништо не зависело од пратениците на ДУИ!

ДУИ е во опозиција и таму ќе остане!

Коалицијата на Левица и СДСМ функционира одлично и тоа вчера се покажа на дело!

Не е точно дека за законот гласале 81 пратеник и дека истиот не добил поддршка од пратеници од ДУИ, како што тврди објавата.

Имено, Собранието на 8 јуни 2024 година со двотретинско мнозинство од 88 гласа „за“, 22 „против“ и ниту еден „воздржан“, го донесе Законот за реорганизација на органите на државната управа, чиј предлагач беше пратеникот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој е и мандатар за состав на новата влада.

Пред почетокот на седницата, од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ излегоа со соопштение дека нивните пратеници ќе го поддржат предлог-законот.

Дека за законот гласале 88 пратеници може да се види и на официјалната веб страница на Собранието каде е објавена листата на пратеници кои биле присутни на седницата и од која се гледа кој пратеник како гласал. Од листата може да се види и дека пратеници на ДУИ гласале за законот, меѓу кои и партискиот лидер Али Ахмети.

Поранешниот министер за правда Кренар Лога од Алијанса за Албанците, партија која е дел од коалицијата „Европски фронт“ во интервју за „360 степени“, исто така, потврди дека за предлог-законот за реорганизација на министерствата гласале сите пратеници од коалицијата, освен пратениците на Алијанса за Албанците.

Значи, не е вистина дека за Предлог-законот за реорганизација на министерствата предложен од Мицкоски гласале 81 пратеник и дека истиот не добил поддршка од ДУИ. Точно е дека законот ќе бил донесен и без пратениците на ДУИ, односно со двотретинско мнозинство од најмалку 80 гласа, но објавата ја манипулира јавноста, создавајќи перцепција дека интегративците не гласале за законот на Мицкоски. Факт е дека за законот гласаа 88 пратеници, меѓу кои и пратеници на ДУИ и коалицијата „Европски фронт“, што може да се види и на официјалната веб-страница на Собранието. Поради тоа, објавата ја оценуваме како погрешна.