Македонија Закани кон директорот на АВМУ поради одбиено барање за одземање дозвола на...

Закани кон директорот на АВМУ поради одбиено барање за одземање дозвола на ТВ Алсат-М

Пораките биле пратени откако на седницата на АВМУ одржана на 11 јули била отфрлена поднесената анонимна иницијатива за одземање на дозволата на ТВ Алсат-М

фото: ААВМУ

Непознато лице му упатило пораки со заканувачка содржина на директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски, информираа денеска од АВМУ. Настанот се случил на 13 јули, а Трајчевски заканите ги добил на својот мобилен телефон.

Пораките, како што велат од Агенцијата, се пратени откако на седницата на АВМУ одржана на 11 јули, била отфрлена поднесената анонимна иницијатива за одземање на дозволата на ТВ Алсат-М.

„Агенцијата ја разгледа доставената Иницијатива, меѓутоа се утврди дека не може да се пристапи до линковите кои беа посочени како наводен доказ дека Ве Ве Гроуп, сопственик на Алсат-М ја злоупотребува телевизијата и врши притисок врз државните институции за остварување на своите бизнис потреби. Воедно, Иницијативата беше доставена како анонимна пријава и немаше можност да се извести подносителот да ги отстрани недостатоците во неа“, се вели во соопштението на АВМУ, и се додава дека „во медиумската легислатива се јасно утврдени основите поради кои може да биде одземена дозволата на некое радио или телевизија, токму за постапувањето да не биде на произволна основа туку во точно определени случаи“.

Од АВМУ се децидни дека упатувањето заканувачки пораки поради неисполнето барање засновано на лични желби и интереси претставува индивидуално психичко вознемирување и малтретирање и, во случајов, „притисок и директно загрозување на слободата на медиумите и на слободата на информирање и изразување“.

Агенцијата случајот го пријавила во Министерството за внатрешни работи (МВР) и другите надлежни институции, од каде очекуваат разрешница – утврдување одговорност и соодветно санкционирање.