Македонија Захариева: Подобро е што Северна Македонија и Албанија не се разделени

Захариева: Подобро е што Северна Македонија и Албанија не се разделени

Ќе биде историска грешка ако преговорите за присоединување на Северна Македонија и Албанија кон Европската Унија не почнат сега, но добро е што во моментот двете земји не се разделени, порача вчеравечер во изјава за бугарското радио „Хоризонт“ бугарската вицепремиерка и министер за надворешни работи Екатерина Захариева.

Таа ваквата порака ја упати спроти заседанието на Европскиот совет, кој се одржува денеска и утре, откако претходно во Луксембург беше решено одлука за доделување на датум за почеток на преговорите на двете земји од Западен Балкан да се одложи за наесен.

Захариева вели дека во оваа етапа Скопје и Тирана нема да бидат разделени во поглед на перспективите за добивање датум, и дека има голема веројатност, ако Северна Македонија и Тирана напредуваат со реформите, во октомври двете земји да добијат датум за преговори.

– Добрата вест, според мене, е дека двете држави не се разделуваат во оваа етапа, нешто што го посакуваат некои држави-членки на ЕУ, но позицијата на Бугарија е одамна јасна и таа е силна поткрепа за проширувањето на ЕУ со земји од Западен Балкан. Јас гледам повеќе позитивно на одлагањето. Сега ќе имаше помала шанса и двете да започна заедно. Бугарија ги поддржува и двете. Тоа е нашата позиција. Ние сметаме дека ќе биде историска грешка ако не започнат и двете сега – рече Захариева.