Ctrl - Z Загрижен за климатските промени, папата Франциск им порача на младите да јадат...

Загрижен за климатските промени, папата Франциск им порача на младите да јадат помалку месо

фото: Ashwin Vaswani на Unsplash

Папата Франциск ги замоли младите да јадат помалку месо со цел подобро да се грижат за животната средина. Во писмото до учесниците на Младинската конференција на ЕУ што се одржува неделава во Прага, папата повика да го „скршиме овој самоуништувачки тренд“ на консумеризмот и да се даде приоритет на одржливоста, јавува „Јуроњуз“.

„Итно да се намали потрошувачката не само на фосилни горива, туку и на многу излишни работи, а исто така, во одредени области на светот, погодно е да се консумира помалку месо, тоа исто така може да помогне да се спаси животната средина“, напишал папата Франциск.

Најновото зелено барање следи по објавувањето на „Лаудато си“ (Laudato si) во 2015 година, втора енциклика на Папата, во која тој се жали за деградацијата на животната средина и глобалното затоплување и ги повикува сите луѓе во светот да преземат брза и обединета глобална акција.

Во октомври минатата година, папата и верските лидери повикаа на акција за климатски промени на конференцијата КОП26 на Обединетите Нации (ОН). Потоа, во ноември, во Ватиканската базилика „Свети Петар“ која беше исполнета со стотици млади луѓе кои дојдоа да слушаат, одржа уште еден говор и порача да се заштити животната средина, бидејќи „се чини дека сè околу нас се урива“.

Како што пишува „Јуроњуз“, папата самиот не е вегитаријанец, но се залага за многу едноставна диета.