Свет Европа Загинаа најмалку 43 лица во шумски пожар во Португалија

Загинаа најмалку 43 лица во шумски пожар во Португалија

Најмалку 43 лица загинаа синоќа во шумски пожар во околината на португалскиот град Леириа, во центарот на земјата.

– Се соочуваме со ужасна трагедија. Можно е оваа бројка да се зголемува. Ова е најголемата трагедија во последно време во поглед на шумските пожари – изјави  португалскиот премиер Антонио Коста, во седиштето на португалската цивилна заштита во Лисабон.

Најмалку 59 лица се повредени, од кои шестмина се пожарникари. Уништени се голем број куќи.

Пожарот избувнал во близина на Педрогау Гранде, на околу 200 километри од главниот град Лисабон, околу 15 часот по локално време, по што биле ангажирани неколку стотици пожарникари и 160 пожарникарски возила. Од загинатите, 22 изгореле до смрт во нивните автомобили, кога бегајќи се нашле опколени од огнот на патот меѓу Фигуеиро дош Винхош и Кастанхеира де Пера. Најмалку тројца загинале од задушување.

Температурата во многу области на Португалија вчера надминуваше 40 Целзиусови степени, а во земјата ноќеска избувнале 60 шумски пожари.

Соседна Шпанија испрати два пожарникарски авиони напомош утрово.