Македонија Заев: Време е да ги разбудиме верата, надежта и љубовта

Заев: Време е да ги разбудиме верата, надежта и љубовта

„Во миговите на искушенија, предизвици, премрежја и заедничко доживување на нашата „општествена Голгота“, време е да им се поклониме на нашите традиционални духовни вредности, кои се највредното наследство добиено од нашите предци. Време е да ги разбудиме верата, надежта и љубовта и да ги отвориме портите на нашите срца и души за богољубие и за човекољубие“, се вели во честитката на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, до православните верници по повод Велигден.

„Христовото Воскресение, најголемото чудо од сите чудеса на овој свет, нека ни ги осветли патиштата што од нашите домашни прагови водат до божјите храмови, за да ја чуеме радосната вест од Христовите служители. Таа вест повторно ќе нè потсети која е смислата на нашата вера и постоење. Велигден, тој празник над празниците, нека донесе во сите Ваши домови и семејства здравје, среќа, радост, благосостојба и хармонија и нека ни ја прочисти љубовта кон Севишниот. Да си посакаме сите, Христовото воскресение да ни ги воскресне насмевките, да ни ја воскресне надежта во поубаво утре и да ни го воскресне нашиот заеднички слободарски дом, домот на вредните и на праведните“, стои во честитката.