Култура Заев во родната куќа на Блаже Конески: Тој ги запиша најубавите стихови...

Заев во родната куќа на Блаже Конески: Тој ги запиша најубавите стихови во слава на нашиот национален идентитет

Премиерот Зоран Заев, заедно со министерката за култура Ирена Стефоска и градоначалниците на општините Прилеп и Долнени, Илија Јованоски и Џемил Ќамили денеска ја посетија родната куќа на великанот Блаже Конески, положувајќи цвеќе пред неговиот споменик во чест на неговиот роденден.

– Оваа посета ја правиме и во пресрет на 100 годишнината од неговото раѓање која како настан за одбележување е запишан во календарот на УНЕСКО за 2021 година. Животот и делото на Конески се судбински врзани и со раѓањето на македонската државност, со што се исполни вековниот сон на редици и редици генерации кои го негуваа и учествуваа во остварувањето на тој сон во реалност. Блаже Конески ја проучи и разработи суштината на македонскиот јазик, го насочи неговиот развој како современ литературен јазик сообразен со светски прифатените стандарди. Соочен со отпорот за признавањето на посебноста и на корените на македонскиот јазик, освен на научната сцена, Конески ги запиша најубавите стихови во слава на нашиот национален идентитет -.изјави Заев.

Министерката Стефоска во своето обраќање истакна: „Блаже Конески тивко но упорно извојувал многу битки за самобитноста, за јазичните значенски вредности, за науката. Сите во него го препознаваме нашиот современ Климент Охридски. Министерството за култура и Министерството за образование поведоа иницијатива 2021 да биде година посветена на Блаже Конески, затоа што мирот и довербата, а пред се и самодовербата се клучните поими во книжевната и научната дејност на Конески“.