Македонија Заев – Винтон: Посветени сме на квалитетни кадровски решенија во новата влада

Заев – Винтон: Посветени сме на квалитетни кадровски решенија во новата влада

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретнал со Луиза Винтон, постојан претставник на Обединетите нации и претставник на УНДП за Македонија.

На средбата била акцентирана потребата Македонија да се врати на европските перспективи и да продолжи да се развива кон интеграција во евроатлантските организации.

– Посветени сме на квалитетни кадровски решенија во сите ресори на новата влада, кои ќе работат демократски и посветено на квалитетот на живот за сите граѓани. Државата брзо ќе биде подготвена да продолжи напред – изјавил Заев.

Тема на разговорот, како што информираат од СДСМ, бил и демократскиот и општествен развој на Македонија, што се отвора со демократските процеси и формирањето на нова реформска влада.

Заев и Винтон разговарале и за потребата од градење на Македонија во правна држава за што, како што било истакнато, биле неопходни судски реформи, како и за економските и социјалните политики, што овозможуваат стабилен и перспективен живот за сите граѓани.