Главна секција Заев со писмо ги предупредува амбасадорите дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не сакаат...

Заев со писмо ги предупредува амбасадорите дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не сакаат фер избори

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е загрижен дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не сакаат да има фер и демократски избори, соопштија од СДСМ. Тој со писмо им се обрати на амбасадорите кои се гаранти на Договорот од Пржино.

Во писмото Заев пишува дека носењето на буџетот за 2017 година еден месец пред распуштање на Собранието и тоа што Уставниот суд сè уште не се изјаснил за уставноста на Специјалното јавно обвинителство, не укажува дека владејачката партија сака фер и демократски избори.

Заев во писмото изразува загриженост поради тоа што „понатамошната политичка инструментализација на Уставниот суд и неговото неизјаснување за уставноста на Законот за СЈО, може да предизвика темелна деструкција на политичкиот процес и очекувањата за демократска разврска на постојните политички конфронтации“.

Исто така, Заев изразува загриженост поради „понатамошната политичка злоупотреба на судството, до ниво на целосна суспензија на владеењето на правото и на правната држава, што во голема мера ќе го детерминира политичкиот амбиент во пресрет на декемвриските избори и правото на граѓаните да бидат дел од изборниот процес“.

Во писмото Заев укажува и на неодговорното политичко мнозинство, кое во пресрет на одлуката за распуштањето на Собранието на 12 октомври, агресивно го наметнува предлогот за усвојување на буџетот на државата за 2017 година уште сега, кон крајот на септември 2016 година.

„Тоа не само што е единствен случај во 25-годишната парламентарна практика, туку преставува и потврда за една неодговорна политика и за непочитување на виталните интереси на државата и на нејзините граѓани,“ се вели во писмото на Заев до амбасадорите.