Македонија Заев се сретна со Сорос во Давос

Заев се сретна со Сорос во Давос

Премиерот Зоран Заев, во рамки на Светскиот економски форум во Давос, се сретнал и со филантропот и финансиер Џорџ Сорос, основач на фондациите Отворено општество (ФОО) и со Патрик Гаспар, претседател на ФОО, соопшти Владата.

„Зачленувањето на Република Македонија во НАТО и интеграцијата кон Европската унија беа оценети како клучни чекори кои обезбедуваат стабилност и сигурност за земјата и за регионот, и ја отвораат вратата за нови странски инвестиции, за развој на македонската економија и за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните“, се вели во соопштението испратено од Влада.

Заев и Сорос, како што велат од Владата, размениле идеи за интензивирање на соработката меѓу Владата и фондациите Отворено општество за обезбедување подобри капацитети за грижа и за предучилишно образование за децата и за поголема вклученост на граѓаните Роми во разни сфери на општествените текови во Македонија.

Во разговорот била истакната важноста на Националната стратегија за едно општество и мултикултурализам, како и потребата од интензивно учество на граѓанскиот сектор во креирање и спроведување на Стратегијата, со цел да се поддржи општествениот тренд на унапредување на довербата и комуникацијата меѓу различните граѓани и заедници во Република Македонија.