Македонија Заев – Рот: Германија ќе ја поддржува Македонија во реформскиот процес

Заев – Рот: Германија ќе ја поддржува Македонија во реформскиот процес

Премиерот Зоран Заев и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски, попладнево се сретнаа со државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Република Германија, Михаел Рот, придружуван од германската амбасадорка, Кристине Алтхаузер.

„Германскиот државен секретар Рот дојде со силна поддршка од Германија за чекорите на премиерот Заев и на новата влада на Македонија, во првиот месец од формирањето. Се оценува дека се направени видливи позитивни придвижувања што најавуваат резултати во евроинтеграциските процеси, а премиерот Заев се гледа како лидер кој може да ги донесе позитивните промени за Република Македонија и за нејзините граѓани“, информираат од кабинетот на премиерот.

Заев на државниот секретар Рот му соопштил дека Владата е насочена кон градење мостови на соработка со соседите и со пријателите од меѓународната заедница, кои даваат значајна поддршка на Македонија во демократските процеси.

„Германскиот дипломат Рот најави дека Република Германија ќе продолжи да ја поддржува Македонија во реформскиот процес што треба да обезбеди владеење на правото, слобода на говор и да ја осигури демократијата во државата како важни европски вредности“, се додава во соопштението од Владата.