Македонија Заев повика на чесност, солидарност, толерантност и на почитување

Заев повика на чесност, солидарност, толерантност и на почитување

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан и до сите граѓани кои го чествуваат празникот.

„Вам, на претставниците на МПЦ, на граѓаните кои денеска празнуваат, од срце го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици во мое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз. Овој празник на духовното раѓање нека нè поттикне и охрабри сите да одговориме несебично на нашите свети обврски за заштита на вистината и на правдата. Пред нас секогаш ѕвезда водилка на патот нека бидат вистината и правдата, бидејќи тоа е нашиот исконски повик и порив како луѓе“, стои во честитката.

Лидерот на СДСМ во честитката повика на чесност, солидарност, толерантност и на почитување.

„Само посветени на овие темелни вредности на човековата личност, можеме да обезбедиме спокоен и достоинствен живот за сите, индивидуален и колективен мир. Пожелувам празникот да го поминете меѓу саканите и семејството во духовен мир“, стои во честитката.