Економија Заев: Поддршката од „Мајкрософт“ е важна за поголема сајбер-безбедност

Заев: Поддршката од „Мајкрософт“ е важна за поголема сајбер-безбедност

Премиерот Зоран Заев, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и претседателот на Националниот совет за ИКТ во Владата Владимир Цветковиќ, денеска се сретнале со генералната менаџерка на „Мајкрософт“ за 24 земји од Централна и Источна Европа, Анке ден Ауден, информираат од Влада.

„Со нашето зачленување во НАТО се зголемува потребата, но и наша обврска е да работиме на зголемување на безбедноста и сигурноста на сајбер-просторот. Во тој процес исклучително важна е помошта што „Мајкрософт“ како водечка ИТ компанија во светски рамки може да и ја пружи на Македонија“ порачал Заев.

Премиерот информирал дека оваа година е планирано намалување на данокот од добивка за информатиката и информатички технологии од 10 на три проценти.

Тој оценил дека оваа мерка заедно со членството во НАТО ќе претставува доволен поттик за компании од ИТ-секторот да ја препознаат Македонија како стабилна земја и долгорочна бизнис дестинација и да реализираат нови инвестиции.