Главна секција Заев: Победивме и водиме во над 30 општини и Градот Скопје, ќе...

Заев: Победивме и водиме во над 30 општини и Градот Скопје, ќе ја обединиме владината коалиција во втор круг

Извор на фотографија: СДСМ

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев доцна синоќа рече дека социјалдемократите и нивната коалиција успеале да победат во прв круг или имаат сериозно водство и влез во втор круг во над 30 општини низ земјата.

Тој прогласи победа во Градот Скопје, како и во општините Струмица, Крива Паланка, Карпош, Центар, Шуто Оризари, Кочани, Делчево, Крушево, Ресен, Дојран, Валандово, Македонска Каменица, Богданци, Берово, Кривогаштани, Пробиштип, Пехчево, Демир Капија, Демир Хисар, Маврово Ростуше, Чашка, Росоман, Старо Нагоричане, Лозово, Конче, Арачиново, Чешиново Облешево, Дебарца, Долнени и Куманово.

„Јасна е пораката од народот – и таму каде што победивме и таму каде што не победивме. Народот сака уште повеќе работа и уште повеќе резултати. Тие резултати ќе ги обезбедиме со сите наши капацитети. Но, тие резултати се можни само со локални самоуправи кои гледаат и сакаат да одат напред“, изјави Зоран Заев.

Првиот човек на СДСМ рече дека владејачката коалиција влегува во втор круг во 36 општини низ целата земја, плус Градот Скопје.

Заев додаде дека коалицијата на партиите кои ја сочинуваат централната власт составена од СДСМ, ДУИ, ЛДП, ДОМ, БЕСА, ДПА, Бошњачкиот сојуз и другите партии ќе се обедини и ќе влезе во борба за мнозинствата во најголем број од советите на општините низ државата.

За вториот круг од изборите, Заев изјави дека ќе се обедини целата владина коалиција за да остварат победа при изборот на градоначалниците на 31 октомври.