Македонија Заев: Очекувам Туск на Иванов да му пренесе прецизна порака од Европа...

Заев: Очекувам Туск на Иванов да му пренесе прецизна порака од Европа за кризата

Очекувам од високиот претставник на Европската Унија, (Доналд Туск, н.з.) кој е во посета на Македонија и има закажано состанок со претседателот Ѓорге Иванов, да пренесе прецизни укажувања од пријателска Европа околу излезот и решението на политичката криза.

Ова денеска го изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по завршување на рочиштето во Основен суд Скопје 1 за случајот „Поткуп“.

Заев рече оти очекува пораката на Туск да не се разликува од тие што претходно ги дадоа претставниците на Европската Унија.

– Верувам дека таа ќе биде во истиот дух на пораките што претходно го слушнавме од целиот демократски свет изминатите денови и месеци, односно со препорака за брз и мирен трансфер на власта и за почитување на Уставот и на парламентарното мнозинство – рече Заев.

Во врска со конститутивната седница на Собранието, лидерот на СДСМ порача дека парламентарното мнозинство нема да дозволи малцинството во Собранието да го развлекува процесот до бескрај.

– Зад нас е една цела седмица, каде со сите будалаштини, малцинството се изживува и врши терор врз парламентарното мнозинство и врз граѓаните, кои очекуваат придвижување на демократските процеси. Треба да знае малцинството и претседавачот на Собранието (Трајко Вељаноски, н.з.) дека оформеното мнозинство има право и обврска да ја преземе контролата врз парламентот преку избирање на негов претседател од своите редови и на тој начин да ја преземе одговорноста за водење на парламентот – рече Заев.

Прашан какви мерки ќе преземе парламентарното мнозинство, Заев изјави дека постојат алетрнативи кои Уставот, законите и деловникот на Собранието ги дозволуваат и врз основа на кои пленумот на мнозинството може да носи одлуки.

Прашан за коментар за манифестот што ВМРО-ДПМНЕ го објави вчера, Заев рече дека тоа е уште еден од купот изговори на ВМРО-ДПМНЕ да го развлекува процесот за избор на претседател на Собранието и на владата.

– Изнаоѓаат вакви бесмислени причини, претпоставени закани дека некој ќе ја нападне Македонија, но и тие самите не веруваат во тоа – додаде Заев.