Македонија Заев: Нема да присуствувам на состанокот во Брисел

Заев: Нема да присуствувам на состанокот во Брисел

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска изјави дека нема да присуствува на закажаниот состанок со еврокомесарот Јоханес Хан на 10 јуни во Брисел.

– Изјавата во Вашингтон на Јоханес Хан содржи елементи на пристрасност и е несоодветна во подготвителен период пред одлучувачката средба во Брисел. Зачудува оцената на Хан за генерално позитивни извештаи од набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за последните изборни циклуси во Македонија. Ниту ОБСЕ/ОДИХР ниту ЕУ досега не констатираа дека извештајот за Македонија е позитивен – изјави денеска Заев пред седиштето на СДСМ.

Лидерот на СДСМ кажа и дека доказите од проектот „Вистината на Македонија“ ја разоткрија и криминалната заднина за повеќе изборни циклуси во Македонија, организирани и спроведени од оваа власт.

– Сакам да нагласам дека ние за целиот овој период се однесуваме максимално демократски и седнавме на заедничка маса и покрај нерамноправната позиција во која бевме поставени. Дадовме максимум во овој процес и очекуваме тоа да се почитува од двете страни – изјави Заев.

Тој додаде дека по разговорите на 2 јуни подигнат е уште еден обвинителен акт против него за земање проткуп, иако, како што вели Заев, кривичната пријава била за обид за поткуп. Била направена и диверзија на автомобилот на синот на Зоран Верушевски, а биле направени и нови претреси на домовите на притворените лица.